ЧПП

ЧПП

П: КАКО ДА СТАНАМ СОЦИЈАЛЕН РАБОТНИК?

О : Социјалните работници во нашата држава се лица со завршени четиригодишни додипломски студии или петгодишно дипломско образование со кое се стекнуваат со титулата магистри по социјална работа/политика. Социјалните работници во Република Македонија се образуваат на Институтот за социјална работа и социјална политика „Мајка Тереза“ при Филозофски факултет во Скопје http://www.fzf.ukim.edu.mk/

По завршувањето на дипломските студии, социјалните работници можат на истиот Институт да го продолжат образованието на последипломски-магистерски и докторски студии.

П: Во кои институции работат социјалните работници (каде може да ги најдете)?

О : Најмногу социјални работници се вработени во Центри за социјална работа. Социјални работници работат и во установи од социјална заштита како што се мали групни домови за згрижување на деца без родители и родителска грижа,деца со воспитно социјални проблеми,деца и младинци со умерени и тешки пречки во менталниот развој, установи за сместување на стари лица. Многу често социјални работници се среќаваат во установи за заштита на ментално здравје и психијатриските оддели, како и други здравствени институции и Советувалишта. Социјалните работници можат да се сретнат и во стручните тимови на училишта и градинките. Многу често социјалните работници се ангажирани и во граѓанските здруженија и меѓународните невладини организации.

П: Како да стапите во контакт со социјален работник?

О : Во зависност од вашата конкретна потреба и полето на делување на социјалниот работник, може да се обратите до одговорните лица во одредена институција кои ќе ве упатат како да стапите во контакт со социјалниот работник. Здружението на социјлни работници на Република Македонија може да ви помогне како тријажер во процесот на наоѓање на одреден социјален работник кој ви е потребен.

П: Кој е надлежен над стручната работа на социјалните работници?

О : ЈУ Завод за социјални дејности-Скопје е установа која ги следи и проучува социјалните појави и проблеми , врши надзор над стручната работа на установите за социјална заштита и вработените во нив, заради согледување, следење, контрола, увид и унапредување на начинот и квалитетот на стручната работа и ефикасноста во остварувањето на функциите во установите за социјална заштита, организира и спроведува облици на едукација на стручните работници во областа на социјалната заштита за потребите на процесот на лиценцирање и активности во рамки на функционирањето на Комисијата за лиценцирање.

П : Која е процедурата за вработување на социјален работник во една институција?

О : За да може одреден социјален работник да се вработи во одредена институција, потребно е распишување на јавен оглас со назначени критериуми за избор на истиот. По распишување на истиот и доставување на потребните документи од страна на кандидатите се пристапува кон селекција на оние кои ги исполнуваат условите предвидени во огласот. Во најголем број на случаи селекцијата на кандидатите се одвива преку писмена/усмена проверка на знаења и ставови при што со Закон се предвидуваат останатите услови при селекција во зависност дали се работни за јавна установа, приватна установа, невладина организација и др.

П :Може ли студент по социјална работа и социјална политика да волонтира во одредена инситуција/организација?

О : Секако. Волонтирањето е одлична можност за стекнување на практични знаења и вештини од областа на социјалната работа. Волонтирањето има многубројни предности како што се: дополнителна едукација, посета на одредени стручни едукации како семинари, конференции и сл, запознавање на нови луѓе, обликување на сопствените предиспозиции за усмерување на професионалната кариера и сл.

П : Дали е признаена дипломата од социјална работа во друга држава?

О : Најпрвин треба да знаете во која држава сакате да конкурирате со вашата диплома. Во рамки на Европската унија нема автоматско признавање на академските дипломи. Секоја влада во ЕУ е одговорна за својот образовен систем и има целосна слобода да применува сопствени правила, меѓу кои и признавањето на академските дипломи од друга земја.